Со свечена академија во Битола, македонскиот шампион Еурофарм Пелистер го одбележа големиот јубилеј – 70 години постоење. Настанот помина во силно емотивна атмосфера, исполнета со видео-пораки од сите краишта на светот, аплаузи за легендите и минута тишина за оние кои повеќе не се меѓу нас.
Особено внимание привлече ревијалниот натпревар, на кој „зелениот“ Пелистер го совлада „синиот“ Пелистер со 18-17, а вистинска привилегија беше повторно да се видат големи имиња како Цане Крстевски и Касим Каменица на клупите, додека на теренот продефилираа Бранко Ангеловски, Пепи Манасков, Кире Поповски, Александар Мирзамамедов, Душан Новокмет, Александар Зарков, Игор Николовски, Златко Димитровски, Слободан Николиќ и многу други легенди.
Во текот на седум децении, низ клубот и дресот на Пелистер поминале безброј ракометни авторитети, спортски работници и личности кои оставиле длабока трага. На Свечената академија клубот им оддаде признание на дел од нив – луѓе кои симболизираат цели генерации и златни периоди во историјата.
Публиката со овации ги поздрави поранешните претседатели, а некои добија и постхумни признанија, меѓу кои и почесниот претседател Силјан Мицевски. Благодарници беа доделени и на тренери, спортски работници, хроничари, легендарниот економ Дади, како и на бројни други заслужни членови на „зелено-белото“ семејство.
Посебно место на свеченоста доби и навивачката група „Чкембари“, која годинава слави 40 години постоење. Основана токму пред еден ракометен натпревар, групата и денес е најверниот сопатник на Пелистер – симбол на страст, верност и непоколеблива поддршка.
























