Хрватскиот интернационалец Ловро Јотиќ пристигна во македонскиот бисер Охрид и викендов ќе го потпише договорот со амбициозниот клуб.
Како што најави 24Ракомет, условите се договорени, а преостанува уште да биде ставен потписот од двете страни. Благодарение на нашите читатели, ги добивме фотографиите на кои е Јотиќ со спортскиот директор на Охрид, Славчо Ристески и капитенот на клубот, Иван Тасески.
Јотиќ треба да биде големо засилување за тимот предводен од Стевче Алушовски, кој продолжува да расте од сите аспекти. Охриѓани оваа сезона по седум години се вратија и на меѓународна сцена и ќе се соочат со романската Потаиса Турда во второто коло од Европскиот Куп.
Некогашниот среден бек на Вардар и Еурофарм Пелистер, по двете сезони во Македонија играше за бундеслигашот Лајпциг и хрватскиот Нексе Нашице.
Охриѓани денеска играат дерби натпревар против големиот ривал Тиквеш од 18:30 часот во СРЦ „Билјанини Изори“, па Јотиќ ќе има можност да ја види атмосферата што ја прават „Рибари“.