Машката репрезентација на Македонија загуби од Словенија со 32-26 во третиот натпревар од квалификациите за ЕП 2026, па нашата селекција ќе решава за пласманот на континенталниот собир со балтичките земји. Иако Македонија водеше со шест гола во првиот дел во два наврати, сепак нашите ракометари не издржаа во темпото што сами го наметнаа и на крајот Словенците, кои патем дојдоа во Скопје без 11 ракометари што беа дел од СП, победија убедливо.
Избраниците на Лазаров одлично стартуваа и од самиот почеток покажаа голема мотивација. Со расположените Митев и Кузмановски, нашата репрезентација во воведните пет минути имаше предност од 4:1, а кон средината на првиот дел стигна до плус пет, 8:3.
Ослабената Словенија мака мачеше да го пронајде патот до мрежата на „црвено-жолтите“, додека Македонија играше како по ноти – сигурно и стабилно. Во обид да ја преполоват негативата, гостите правеа сè повеќе грешки, што ѝ овозможи на нашата репрезентација да зголеми на 10:4.
Тоа беше причина селекторот на Словенија, Урош Зорман, да повика тајм-аут. По предноста на Македонија од 11:5, ривалот постигна три гола во низа и во 20 минута намали на 11:8. Во тој период, црвен картон заработи репрезентативецот на Македонија, Валентин Карасманакис.
Македонија преку Кузмановски ја прекина серијата на Словенците, а на осум минути пред крајот Лазаров побара минута одмор. Словенија не се откажуваше, намали на минус два, 13:11, но нашата репрезентација не дозволи да се вратат целосно во игра и на пауза замина со предност од 16:15.





Македонија – Словенија, квалификации за ЕП 2026
На стартот на второто полувреме Словенците израмнија преку Кодрин и комплетно се вратија во егал. По неколку минути игра Влах им донесе и прво водствво 19-18, но набрзина врати Костески.
Се намножија технички грешки, па Словенија казни за плус два, 22-20 и Лазаров мораше да реагира со тајм-аут. Не се промени многу играта во продолжение, Базник бранеше одлично на словенечкиот гол, па гостите дојдоа и до плус четири, 25-21, кога остануваа уште петнаесетина минути за игра.
Кизиќ го замени Митревски, Атанасијевиќ и Ѓорѓиев беа во бековската линија, но сега откако Словенија ја имаше контролата беше потешко да се игра. Нашите момци промашија уште два напади, па гостите отидоа и на плус пет, 27-22.
Лазаров го врати Кузмановски на терен, Митревски застана на голот и Македонија тргна во последен обид да стори нешто повеќе на овој дуел. Изнудивме две исклучувања, за Јанц и Благотиншек во ист напад, а Кузмановски врза два гола за 27-24.
Митревски му запре пенал на Влах, а капитенот казни за минус два, 27-25. Но следеа две грешки и Словенија отиде пак на плус четири и на пет минути до крајот македонскиот селектор се обиде со последен тајм-аут. Сепак не се промени ништо на подобро и гостите рутински го довршија мечот за победа и цел плен од Скопје.
Најдобри стрелци во македонскиот состав беа Кузмановски со десет и Митев со пет гола, додека кај Словенија се истакнаа Влах со десет и Јац со пет погодоци, а голманот Базник имаше 13 одбрани. Следен предизвик за Македонија ќе биде гостувањето во Копер на 16 март од 18:30 часот. Средбите со Естонија и Литванија ќе се играат во мај.