Актуелниот македонски првак Еурофарм Пелистер го одржа првиот тренинг под водство на новиот тренер Стевче Алушовски.
Ракометната легенда официјално го презеде тимот и денеска за првпат го водеше тренингот во салата „Боро Чурлевски“ во Битола, со јасна цел, да ги исполни високите амбиции на клубот и очекувањата на навивачите.
Во изминатите пет дена екипата тренираше под раководство на Алексо Лембанов и Ице Соколески. „Зелено-белите“ до крајот на сезоната ги чека жестока борба за врвот во домашното првенство и одбрана на титулите во Суперлигата и Купот на Македонија.
Репрезентативците од Македонија, Полска, Словенија и Бразил кои моментално настапуваат на Европското првенство и на првенството на Средна и Јужна Америка, ќе му се приклучат на тимот веднаш по завршувањето на обврските со националните тимови.
Еурофарм Пелистер во Супер лигата се враќа во акција на 7 февруари, а паралелно го чека и продолжението од настапите во Лигата на шампионите. Таму битолчани ќе одиграат најмалку уште четири меча против европски гиганти и силни ривали – Висла Плок, ГОГ Гудме, ПСЖ и Барселона.

























