Екипата на Подравка, која е предводена од поранешниот селектор на Македонија, Ивица Обрван, славеше против Брест Бретањ со 27:26 (13:13) во првиот осминафинален дуел од Лигата на шампионите.
Херој на хрватскиот шампион беше репрезентативката на Црна Гора, Матеа Плетикосиќ. Средниот бек во последната секунда од 14 метри успеа да реализира, а нејзиниот удар беше неодбранлив.
Голот на Плетикосиќ потсети на оној на македонскиот репрезентативец Филип Кузмановски, кој во последната секунда го постигна против Австрија на Светското првенство 2025.
Плетикосиќ натпреварот го заврши со осум погодоци од девет удари, додека солидна меѓу стативите беше Луција Бешен со 11 интервенции. Кај Брест Бретањ, расположена беше Русинката Ана Вјахирева со шест реализации.
Реваншот меѓу двете екипи ќе се одигра следниот викенд во Франција, а доколку избраничките на Обрван повторно победат или одиграат барем реми, тогаш ќе обезбедат место во четвртфиналето на Лигата на шампионите.