Македонскиот репрезентативец Жарко Пешевски доби големо признание од Европската ракометна федерација, која го вклучи во идеалниот тим на колото во Лигата на шампионите.
Кружниот напаѓач на Еурофарм Пелистер одигра блескав меч во победата над унгарскиот ПИК Сегед со 25-24 и беше вистински лидер на теренот. Пешевски постигна седум погодоци и заслужено беше избран за играч на натпреварот во Битола.
ЕХФ го смести македонскиот ас во најдобрата седморка на колото, во која има ракометари од пет различни клуба, додека Фуксе Берлин доминира со тројца претставници.
Најдобар голман е Игнасио Биоска од Нант, најдобри крила се Бјарки Мар Елисон од Веспрем и Алеиш Гомез од Барса, додека нај-дефанзивец е Макс Дарј од Фуксе Берлин.
МВП на колото и најдобар десен бек е Матијас Гидсел од Фуксе Берлин, а во бековската линија во идеалниот тим се уште Мартим Кошта од Спортинг Лисабон и Тобијас Грондал од Фуксе Берлин.
























