На македонската машка ракометна сцена втора година во низа доминира Еурофарм Пелистер, откако ја одбрани шампионската титула. За ракометна Битола ова е вкупно осми трофеј во историјата, но разликата овојпат е што екипата ја предводеше градската икона и легенда Бранко Ангеловски. За поранешниот репрезентативец и интернационалец ова е прв шампионски пехар како стратег.
Пред четири години кога заврши со функцијата спортски директор на романска Констанца и се врати во Македонија, во еден разговор ми рече: „Не прифаќам споредна улога, треба да бидам важна ’алка’ за да му се вратам на ракометот!“ Така и се случи. Ангеловски се ре-активираше како дел од проектот Алкалоид/Мулти Есенс, каде мина две години како тренер, а кога замина од таму стигна понудата која не можеше да се одбие – спортски директор на Еурофарм Пелистер.
Само пет месеци ја имаше оваа функција, за по сплет на околности прво како В.Д., а потоа и како трајно решение да седне на клупата на битолските „зелени“ и да успее шампионската титула да ја задржи во клупските витрини. Индивидуално, за него, ова е најголем тренерски успех, но Бранче е скромен и потенцира „ова е успех на колективот.“ Двојната круна е она што се посакуваше, но зачувувањето на шампионскиот трофеј не е мала работа.
За шампионска титула со Еурофарм Пелистер, за ракометна Битола и за клупските планови за следната сезона со Бранко Ангеловски зборувавме во викенд-интервјуто, кое ќе може да го прочитате на 24Ракомет.