Тимот на Текстилец славеше кај Овче Поле со 27-24 во натпревар од 20 коло во прволигашката конкуренција, но мечот го одбележаа и трите црвени картони кои беа доделени во последните десетина минути, како и едниот син картон.
Натпреварот беше решен во последните неколку минути, кога по 25-24 за штипјани, тие постигнаа уште еден погодок преку Величков за плус два.
На почетокот на 60 минути домашните не искористија уште еден напад за да го намалат водството, Текстилец тргна во контра преку Атанасовски, кој беше запрен грубо од страна на Димчевски.
За момент настана турканица на теренот, која можеше да донесе посериозен инцидент, се вмешаа сите ракометари и клупите, а на трибината кај навивачите беа и двајцата ракометари на Текстилец кои претходно добија црвени картони – Лазар Стојанов и Филип Џинес, па и тука мораше да интервенира полицијата.
Сепак за кратко време се смирија страстите, судиите по прегледувањето на снимката му доделија црвен картон на Димчевски, но и син, по кој ќе добие дополнителна суспензија од РФМ.
Текстилец до крајот даде уште еден гол за 27-24. Најдобар стрелец кај победникот беше Лазар Стојанов со осум гола, а десет за домашната екипа даде Кристијан Стаменков.

























