🎥 Пет црвени картони во Свети Николе на дуелот меѓу Овче Поле и Јехона!

Тимот на Овче Поле од Свети Николе на домашен терен им се врати на победите и славеше против Јехона со убедливи 39-32, во натпревар на кој беа доделени пет црвени и два сини картони во последните 200 секунди!

Предводник на домашниот тим беше Иван Дамчевски, кој успеа дури 14 пати да погоди во гостинската мрежа. На спротивната страна, Адис Салиу, исто така имаше свое гол-шоу со 12 гола, но тоа беше премалку за неговиот тим да се надева на позитивен резултат.

Meчот го одбележаа и петте црвени картони во редовите на гостинскиот состав. Судиите Савиќ и Огњановски најпрво го исклучија голманот Трпески поради старт на еден противнички ракометар во контранапад.

Поради трето исклучување на две и пол минути до крајот на трибините мораше да се пресели искусниот Салиу, а потоа по една вербална пресметка со публиката, црвени и сини картони добија Мојсе Тасески и Стефан Маринкоски.

На петнаесетина секунди до крајот беше исклучен и Давид Ќиров, а за сите случувања во финишот на дуелот во Свети Николе погледнете во видеото во продолжение.