Во натпревар од првото коло на главната рунда на Европското првенство, Германија во Хернинг ја совлада Португалија со 32:30 (11:11), но средбата ќе се памети повеќе по контроверзите отколку по играта.
По завршувањето на натпреварот, португалската репрезентација воопшто не го криеше гневот кон шведскиот судиски пар Куртагиќ и Ветервик, обвинувајќи ги за сериозна судиска грешка во клучните моменти.
Во самата завршница, додека Португалија се обидуваше да израмни, Германците намерно го трошеа времето при тргнувањето кон центарот. Португалската клупа бараше црвен картон и седмерец поради неспортско однесување, што ќе им дадеше шанса за изедначување и вистинска драма до крај.
Судиите накратко се консултираа, но ги одбија сите приговори, по што натпреварот беше завршен на огромно незадоволство на Португалците. Дополнителна причина за бесот е тврдењето дека најмалку еден германски играч се наоѓаше на португалската половина во моментот кога судијата го означи почетниот удар.
„Проблемот е што пред судискиот свиреж ниту еден германски играч не смее да биде на нашата половина. А таму беа двајца! Јулијан Шлуроф беше кај линијата од девет метри! Можеби јас не ги знам правилата“, изјави Силва за ТВ2.
Снимката од финишот навистина покажува дека Шлуроф се наоѓал на португалската половина во моментот на судискиот свиреж. Селекторот на Португалија, Пауло Переира, беше видно фрустриран по натпреварот и јавно ја критикуваше судиската одлука.
„Во моментот на свирежот најмалку еден играч беше на нашата страна. Тоа е грешка. Судијата мораше да ја запре играта и да ја рестартира. Вака беше постигнат нерегуларен гол“, изјави Перејра за ТВ2.
Переира дополнително нагласи дека ваквите ситуации можат да имаат огромно значење во конечниот пласман, особено ако повеќе репрезентации завршат со ист број бодови.
„Никогаш не знаеме дали токму тој еден гол ќе ни недостига. Ако Данска ја победи Германија, сите сме бодовно изедначени“, заклучи португалскиот селектор.

























