🎥 Пецаков: Целта ни е Охрид да игра сериозна улога во Супер лигата и во европските купови

Амбициозниот Охрид на пригоден настан го промовираше новиот ростер на ракометари, а градоначалникот Кирил Пецаков, тренерот Борис Ројевиќ и капитенот Гоце Ојлески им се обратија на присутните.

Пецаков се заблагодари на поддржувачите и спонзорите на клубот, ги откри неговите лични амбиции и цели и верува дека заеднички со играчите и стручниот штаб ќе се гради успешен проект.

„Целта ни е клубот Охрид да е организиран на високо ниво, да игра сериозна улога во домашната Супер лига и во европските натпреварувања. Сакам да им се заблагодарам на локалните бизниси и бизнисите од цела Македонија, кои го поддржуваат овој проект, за да имаме клуб како што секој би посакал. Имавме мала увертира со Струшкиот турнир, кој за првпат го освоивме. Пред нас е турнирот во Охрид, кој е квалитативно многу посилен и се надевам дека ќе се наметнеме. Најважно за нас е тимот да се екипира и спремни да влеземе во новата сезона. Благодарност до играчите кои напорно и професионално тренираат и верувам дека заеднички ќе градиме еден успешен проект“, изјави Пецаков.

Нов тест за Охрид ќе бидат натпреварите од меморијалниот турнир „Крсте Андоновски“ кој стартува утре во СРЦ „Билјанини Извори“.