Србија доби „нов Арпад Штербик“ – младиот голман Давид Тот Мелкути го донесе триумфот на кадетската репрезентација во драматичниот финиш против Хрватска на Светското првенство во Египет.
Српските ракометари славеа со 26:25 (14:8), иако во поголемиот дел од натпреварот имаа убедлива предност. Хрватите се вратија во игра десетина минути пред крајот, но во последните секунди блесна токму Тот Мелкути – новиот херој на Србите.
На 32 секунди до крајот, Огњен Цениќ погоди за 26:24 и изгледаше дека победата е обезбедена. Сепак, Хрватска брзо возврати и ја украде топката во завршницата, оставајќи си 12 секунди за последен напад.
Следуваше контранапад и „еден на еден“ дуел на крилниот играч Филип Јаков Бегиќ со српскиот голман. Хрватот се обиде да реализира на само две секунди до крајот – но Давид Тот Мелкути ја одбрани најважната топка на мечот и ја обезбеди победата на Србија.
Фантастичната одбрана го одбележа натпреварот и уште еднаш потврди дека Србија има нова голманска надеж, а стручњаци во нашиот северен сосед веќе го нарекуваа наследник на Арпад Штербик – исто така Србин со унгарско потекло.