Македонскиот репрезентативец Димитар Димитриоски во последниве две години пишува успешна интернационална приказна во редовите на шпански Ваљадолид, кој го предводи поранешниот тренер на РК Вардар, Давид Писоњеро. Левото крило и следната сезона останува во тимот, во кој изминатите години друштво му правеше Дарко Димитриевски, а од оваа сезона доаѓа соиграчот од „црвено-црните“ редови – Мартин Карапалевски. Ваљадолид од екипа која се спасуваше од испаѓање во АСОБАЛ со Македонците во нејзините редови лани заврши на петтото место, за малку им побегна Европа – цел која си ја поставуваат за следната сезона.
Димитар е секогаш насмеан, понекогаш делува како непресушен извор на позитивна енергија, а во разговорот со 24Ракомет отворено зборуваше за тоа како растел и се развивал како играч во редовите на трите македонски бренда – Металург, Вардар и Еурофарм Пелистер. Откри дека како дете имал желба да стане поп, но патот го однел на друга страна, па се посветил на спортот и ракометот, каде се гледа и во иднина – по завршувањето на кариерата сака да се проба во тренерски води. Тој веќе и го прави првиот чекор во тој правец како заштитно лице на една од младинските екипи во Академијата на Ваљадолид.
„Како дете на Металург кое доаѓа во Вардар, немав проблеми. Тоа е некој пат во кариерата, работите сами се случуваат – јас играв и за Металург и за Вардар и за Пелистер, трите најголеми ривали во Македонија, и никаде не сум имал проблеми затоа што секогаш сум се борел докрај за дресот кој го носам. Секаде ме красел професионализам и сум се радувал и сум славел победи и сум жалел за поразите заедно со екипата. На терен нема сентименталност, ние играме за да победиме и на тој терен ’40 на 20’ и во тие 60 минути нема другари, а надвор од теренот е друга приказна“, објаснува Димитар Димитриоски.
Викенд-интервјуто со македонскиот интернационалец ќе го читате на 24ракомет, а најавата погледнете ја во продолжение.