Како и многу години наназад, така и 2024 година, стандардно ни започна со настапот на машката сениорска репрезентација на големо натпреварување. Македонија беше дел од EП 2024.
Во групната фаза стартувавме со натпревар против велесилата Франција, натпревар кој се одигра во Диселдорф на „Меркур Шпил Арена“, фудбалски стадион на кој беше срушен рекордот на посетеност со повеќе од 50.000 гледачи. На тој меч Македонија загуби со 39-29, а потоа во второто коло и од домаќинот Германија со 34-25, но во последниот меч избраниците на Кирил Лазаров триумфираа против Швајцарија со 29-27. Тоа ни го донесе 17 место, што беше доволно за прв шешир во ждрепката за баражот за СП 2025.
Таа ждрепка посака двомеч со Фарски Острови, а по поразот во Торшавн со 34-27, Мундијалот изгледаше далечен. Сепак на реваншот во Скопје, Македонија славеше со 34-26 и обезбеди пласман на СП 2025. Во меѓувреме сениорите ги стартуваа квалификациите за ЕП 2026, со тесна победа над Естонија и со пораз од Литванија, но сепак не треба да имаат комплициран пат до континенталниот собир во групата во која е уште Словенија.
Женската сениорска репрезентација за првпат после ЕП 2012, обезбеди настап на едно ЕП со успешни квалификации. Македонија предводена од селекторот Кристијан Грчевски го освои второто место во групата со Шпанија, Литванија и Азербејџан со четири победи и два порази. На ЕП 2024 во Унгарија, Австрија и Швајцарија, нашите ракометарки запишаа порази од Шведска и домаќинот Унгарија, а ремизираа со Турција, што беше доволно само за втор шешир пред ждрепката за СП 2025, која за ривал ни ја донесе незгодната Полска.
Во младинските категории, три македонски селекции играа на ЕП и СП. Најголем успех постигна машката младинска репрезентација која предводена од Раде Стојановиќ се пласираше на деветтото место на ЕП 2024 во Словенија со победа над Франција, што беше прва за Македонија над оваа селекција во било која машка конкуренција. Покрај Франција, Македонија ги победи Црна Гора, а ремизираше со Хрватска и Австрија. Потоа во разигрувањето беше подобра од Полска и Романија, а загуби од Франција, но во дуелите за конечен пласман славеше над Унгарија и Франција. Поради лошиот систем на натпреварување, Македонија со само еден пораз заврши на деветтата позиција, иако момците покажаа дека имаат потенцијал за многу повеќе.
Кадетите играа на ЕП во Црна Гора завршија на разочарувачкото 19 место. По тесниот пораз од Франција, избраниците на Наум Танески загубија од Германија и од Полска за последното место во групата. Потоа во разигрувањето за пласман беа совладани слабите Украина и Италија, додека Македонија загуби од Грција. Во битката за конечниот пласман нашите кадети убедливо беа совладани од Израел, додека со триумф над Грција го освоија на крајот 19 место.
Младинките беа дел од Мундијалот што се организираше во Скопје и на крајот беше на 16 место. По триумфите над САД и Ангола, избраничките на Дарко Јанев загубија од Исланд, а потоа во главната рунда нашите ракометарки ремизираа со Португалија и загубија од Црна Гора. Во битката за конечен пласман Македонија беше поразена убедливо од Јужна Кореја, а потоа и минимално од Кина што беше доволно само за 16 место на СП 2024.
На клупската домашна сцена, Еурофарм Пелистер вторпат по ред беше шампион на Македонија, додека Вардар заврши на второто место. Пелистерци во група со ПСЖ, Динамо Букурешт, Фуксе Берлин, Висла Плоцк, Веспрем…се на шестото место и имаат шанса за прогрес во осминафиналето.
Вардар играше во групите од Лигата на Европа и запиша победи над Валур и Мелсунген, како и реми против исландскиот тим, додека загуби во Германија и на два пати од Порто, што беше доволно само за третото место и елиминација.
Од машките екипи, во Европа играа Охрид и Тиквеш, кои беа елиминирани во второто, односно првото коло од Европскиот Куп од романската Потаиса Турда и грчката Драма, додека се уште е активен „сино-белиот“ тим од Автокоманда, кој ги мина литванскиот Драгунас Клаипеда и австрискиот Вест Виен, а во третото коло ќе се соочи со италијанскиот Бриксен. Тимот предводен од Кирил Лазаров го освои трофејот во Купот на Македонија и оној во Супер Купот со победи над Вардар, односно Еурофарм Пелистер. Старо-нов суперлигаш стана тимот на Радовиш преку баражот против Еурофарм Пелистер 2, додека Бисинов ФЛ успеа преку прволигашкиот плеј-оф стигна до елитата.
Во Женската лига, Ѓорче Петров успеа да ја одбрани титулата, а освои и двојна круна, откако во Купот на Македонија славеше во финалето против Чаир. На европска сцена „лавиците“ се пробаа во Лигата на Европа, но беа елиминиарни од шведскиот Хорс, а ист беше случајот и со Металург Автокоманда кој не успеа да го мине турскиот Гореле.
Најдалеку дотурка Чаир, кој ги мина со четири победи тимот на Керженг од Луксембург, како и португалскиот Колехио Де Гаиа, додека во осминафиналето за пречка ја има чешката екипа Славија Прага.
Во актуелната сезона од Супер лигата, веќе се познати дел од патниците во плеј-офот, како и дел што ќе се борат за опстанок. Во Првата лига, десет екипи ќе разигруваат за местото во елитата, а седум веќе обезбедија пласман во плеј-офот. Во Женската лига, се одигра регуларниот дел, а шесте екипи што ќе се борат за титулата низ плеј-офот ветуваат интересни натпревари напролет. Во младинските категории се одиграа завршните турнири во сите категории. Кај пионерите најдобри беа „сино-белите“ од Автокоманда, а кај пионерките титулата ја освои Ѓорче Петров. Во кадетска конкуренција, „сино-белите“ од Автокоманда беа шампиони, како и кадетките на Вардар. „Витамините“ од Автокоманда и Вардар ги освоија титулите кај младинците, односно младинките.
ШТО НЕ ЧЕКА ВО 2025 ГОДИНА?
Во 2025 година, веќе во јануари не очекува настапот на сениорите на СП во Хрватска, Данска и Норвешка, како и продолжението на квалификациите за ЕП 2026, односно двомечот со Словенија, но и по еден дуел со Литванија и Естонија. Сениорките ги чека бараж двомеч за СП 2025 против Полска, а од октомври старт на квалификациите за ЕП 2026, кое за првпат ќе се игра во пет држави. Избраничките на Кристијан Грчевски ќе ги дознаат ривалите во март. Од младинските селекции, младинците ќе настапат на СП 2025 во Полска, додека кадетките и младинките ќе бидат дел од ЕП 2025 во Црна Гора.
На купска сцена, Еурофарм Пелистер го очекува продолжението од Лигата на шампионите, додека „сино-белите“ од Автокоманда и Чаир ги чекаат осминафиналните средби од Европскиот Куп. На македонските терени ќе се бијат битки за титулите од февруари во првенствата и во Купот на Мaкедонија. Тука се стандардните натпревари во Супер, Женската и Првата лига, како и натпреварите во младинските категории, па нема да ни фалат ракометни возбудувања и во 2025 година.
СРЕЌНА НОВА РАКОМЕТНА 2025 ГОДИНА!