Иван Џонов е уште еден член на Пролет, кој важи за едно од откритијата во досегашниот дел од Суперлигата. До лани тој настапуваше како лево крило, но сезонава по заминувањето на Манасков доби шанса на позицијата лев бек и максимално ја искористи. Серијата добри игри кулминираше минатиот викенд, кога во победата над Работнички овој 22-годишен ракометар постигна дури 15 погодоци.
„На почетокот од кариерата, во младинските категории, настапував како среден бек, така што кога добив шанса по заминувањето на Манасков тоа не ми беше нешто непознато. Кога влегов во сениорски води кај нас честа пракса е младите ракометари да се селат на крило, тоа се случи и со мене кај тогашниот тренер Темелковски. Искуството од тие средби исто така ми користи, но сега имам нова улога во тимот, како лев бек. Почетниот натпревар со Охрид во првото коло чувствував одреден притисок, но на секој нареден дуел покажувам се подобри игри. Не сум класичен бек-шутер како многумина на мојата позиција, но благодарение на продорноста и претходното искуство како среден бек, добро се снаоѓам во оваа улога. Секако дека сум задоволен, играм добро, но што е уште поважно тимот бележи одлични резултати“, вели Џонов за клупскиот веб-сајт.
Овие 15 погодоци на дуелот со Работнички не се и рекорд на овој талентиран ракометар.
„Досега немав постигнато 15 гола во дресот на Тинекс Пролет, но тоа не е мој рекорд кога станува збор за севкупната кариера. Додека бев на позајмица во тимот на Партизан Гевгелија, на еден натпревар од Првата лига дури 17 пати се запишав меѓу стрелците“, открива Џонов.
Пролет одлично ја стартуваше сезоната со три победи и едно реми, наметнувајќи се како еден од главните кандидати за влез во плеј-офот.
„Можеби по имиња се очекуваше да бидеме послаби од лани, но со игрите што ги покажавме дефинитивно го заслуживме одличниот пласман на почетокот од сезонава. Штета за оној дерби дуел со Металург на кој ја имавме и победата во раце, но севкупниот впечаток секако е позитивен. За нас во тимот не е преголемо изненадување бидејќи работиме напорно, но пред се имаме извонредна атмосфера во екипата. Кога владее толкаво другарство и се помагаме едни со други, ваквите резултати се сосема нормални“, истакнува Џонов.
Репрезентативен повик е нешто за што сонуваат сите ракометари, но Џонов скромно се насочува кон клупските обврски.
„Секој сонува еден ден да заигра за својата земја, јас не сум исклучок, но од друга страна и не дозволувам тоа да стане моја опсесија. Мое е да играм, да напредувам најмногу што можам, да давам се од себе за клубот, а селекторот е тој што решава кого ќе викне во националниот тим“, реален е Џонов.