Екипата на Пелистер во битолскиот двобој успеа да го совлада составот на Феникс со 35:25 во натпревар од Женската лига во Групата А. На овој натпревар двете екипи настапија со речиси една постава, односно Пелистер со 12 ракометарки, додека Феникс со 11.
Ракометарките на Пелистер имаа одличен почеток и водство од 5:2 по седум минути игра. Екипата на Феникс со третиот гол на Ризоска намали на минус два, 3:5, но нивниот противник преку Дишковска повторно дојде до плус три гола предност, 7:4. По петнаесетина минути игра, тренерот на Пелистер, Кире Митревски побара тајм-аут, иако неговата екипа имаше солидно водство од 10:6.
Со серија од 5:0, избраничките на Николче Костовски го израмнија резултатот на 11:11. До крајот на првото полувреме се играше гол за гол, а составот на Пелистер на пауза замина со минимално водство од 16:15.
Феникс предводен од незапирливата Ризоска го презеде водството во вториот дел. Откако беше 16:16, Феникс успеа да постигне гол за 17:16. И двете екипи беа во постојана бркотница и ниту една од нив не успеа да се одлепи на поголема предност од два разлика, сѐ до 43. минута кога Пелистер со головите на Јанкуловска и Етемовска, поведе со 22:18. До самиот финиш, Пелистер беше во големо водство и не му дозволи на својот противник целосно да се врати во игра.
Најефикасна на натпреварот беше репрезентативката на Македонија и членка на Феникс, Емилијана Ризоска со 14 постигнати погодоци. Листата на стрелци во Пелистер беше предводена од Кристина Наумовска и Моника Босилковска кои постигнаа по осум погодоци.