Иако и АЕК Атина и Олимпијакос „беа видени“ во завршницата на Европскиот Куп оваа сезона, сепак тимовите од јужниот сосед на Македонија не ја „преживеаја“ третата рунда од најслабото европско клупско натпреварување.
Ниту ракометари од типот на Стипе Мандалиниќ, Лука Соколиќ, Никола Јукиќ, Иван Мацкевич, Лукаш Рогулски, Немања Живковиќ…не му помогнаа на АЕК Атина да го мине шведскиот Алингсас.
Тимот од јужниот сосед дома славеше со 32-27, но на гости беше совладан со 31-24. Мандалиниќ на вториот меч даде осум гола, но од 16 обиди!
Олимпијакос со австриските ѕвезди Роберт Вебер и Томас Бауер, екс ракометарите на Еурофарм Пелистер и Вардар – Елмир Граџан, Владислав Остроушко и Оливие Њокас, Шпанецот Монторо…загуби на првиот меч од швајцарскиот Вакер Тун со 24-22, а кога се очекуваше триумф на домашен терен, сепак гостите си заминаа со втора победа, 24-19, и со пласман во следната фаза.
За АЕК Атина и Олимпијакос заврши европскиот настап оваа сезона, па сега на (пре)скапите тимови им останува да си се посветат само на домашните натпреварувања. Првото меѓусебно дерби е веќе в среда.