Откако имаше многу позитивни случаи на коронавирус во тимот на Рајн Некар Левен, сите членови на клубот се во карантин. Еден од најдобрите играчи на „лавовите“ е швајцарскиот репрезентативец Енди Шмид, кој го користи карантинот за да учи за тренер.
„Џабе работи, џабе не седи“ – оваа македонска поговорка се чини во пракса ја применува Шмид, кој со 36 години се приближува кон крајот на кариерата и знае што ќе работи потоа.
„Запишувам многу работи. Разгледувам опции во нападот за мојот тим против различно поставени одбрани и ситуации, но морам да учам уште“, вели Шмид.
Бундес лигата е во прекин, и како што одминува времето, така има се помалку шанси дека ќе продолжат натпреварите.
„Крај на сезоната е единственото решение, но не треба да биде прогласуван шампион со оглед на тоа што играа 26, некои 27 натпревари. По 26 меча не е можно да се проласи шампион и тимови што ќе испаднат“, изјави Шмид.
По 26 натпревари, Рајн Некар Левен се наоѓа на шестата позиција и најверојатно нема да игра во европските купови следната сезона.