Голманот на репрезентацијата на Данска, Јаник Грин нема да настапи на натпреварот против Словенија, ниту пак против македонската репрезентација откако по неговото доаѓање во Дебрецин беше позитивен на Ковид 19.
Грин доби позитивен тест на стартот на подготовките на почетокот на јануари. По позитивниот тест на 3 јануари, тој беше изолиран во Данска.
Пред неколку денови доби негативен тест, пристигна во Унгарија и се надеваше дека ќе брани на преостанатите два натпревари од групната фаза на ЕП. Сепак, на неговото последно тестирање во Дебрецин, Грин излезе позитивен на коронавирус.
Селекторот на Данска, Николај Јакобсен на голманската позиција на располагање ги има одличните Никлас Ландин и Кевин Мелер.
Данска вечерва го игра вториот натпревар од групната фаза на ЕП. Втор противник за Данците е селекцијата на Словенија. Овој натпревар е закажан за 20:30 часот.