„Ќе му помогнам на Порто – без разлика дали ќе бранам или само ќе му ја подавам водата на Митревски“

Унгарскиот репрезентативец Мартон Секељ пред извесен период го засили Порто на голманската позиција откако португалскиот првак остана без Алфредо Кинтана, кој по срцевиот удар ја загуби најважната животна битка.

Порто за противник во осминафиналните дуели од Лигата на шампионите го доби Алборг од Данска. Унгарецот се надева на позитивен исход од двата натпревари.

„Тимскиот дух што го покажаа ракометарите на Порто на последниот натпревар од групната фаза од Лигата на шампионите навистина беше фантастичен во ова тешко време. Ракометарите играа со срце. Се надевам дека ќе може да го совладаме Алборг, ќе дадам се од себе да му помогнам на клубот колку што можам. На пример – да одбранам седмерец  или некој удар без разлика дали ќе играм пет или повеќе минути или само ќе му ја додавам водата на Никола Митревски“, изјави Секељ.

Првиот натпревар против Алборг ракометарите на Порто го играат на свој терен на 1 април со почеток од 20:45 часот.