Ќе биде замена за Чупиќ, а името го добил по легендарниот фудбалер Малдини

Машката ракометна репрезентација на Хрватска влегува во финалната фаза на подготовки пред настапот на Мундијалот во Полска и Шведска. Сепак, не е се така розево во таборот на популарните „каубои“.

Повредите ја поматија математиката на селекторот Хорват, кој беше принуден да прави рокади во националниот тим. На листата повредени се наоѓаат ракометарите Давид Мандиќ, Халил Јагањац, Марко Мамиќ, Тин Лучин, Иван Чупиќ и Иван Пешиќ.

Секој од овие ракометари е важен дел од хрватскиот состав, но посебно болно ќе биде отсуството на Иван Чупиќ, на позицијата десно крило. Хрватите се тенки на таа позиција па Хорват е принуден да го повика младиот ракометар на Загреб, Паоло Краљевиќ (21).

Интересно за Краљевиќ е тоа досега нема настапувано за младите селекции на Хрватска, а неколкупати бил на подготовки.

Ова ќе биде негов дебитантски настап за сениорскиот национален тим, а во редовите на Загреб своето деби го имаше на свои 16 години.

Паоло Краљевиќ покрај несомнениот квалитет кој го поседува, е доста интересен за хрватските медиуми и поради приказната за тоа како го добил своето име.

Неговиот татко е голем љубител на фудбалот,  а името Паоло на својот син е инспирација од легендарниот поранешен фудбалер на Милан и Италијанската репрезентација, Паоло Малдини.