Ракометарите на Јуниор КВ во натпревар од 3. коло од плеј-аут фазата во Суперлигата ја забележаа првата победа, триумфираа убедливо против Радовиш со десет гола разлика, 31:21.
Домашната екипа влезе мотивирано против гостинскиот состав и имаше посакуван старт. Јуниор КВ со погодоците на Петровски и Симоноски го отвори натпреварот, поведе со 2:0. Избраниците на Мијалов првиот гол го постигнаа по пет минути игра, стрелец беше средниот бек Вјештица.
Следуваше период, во кој тимот на Јуниор КВ имаше контрола на резултатот и домашната екипа кон средината на првиот дел успеа да направи исчекор и во 13 минута се одлепи на дотогаш највисоките ,,плус три” 8:5. Радовиш не се предаваше и со серија од 2:0 успеа да намали на 8:7.
Секогаш кога гостите беа во налет да дојдат до камбек, недостасуваше да го направат вистинскиот чекор, односно не можеа да дојдат до реализација, па така ракометарите на Јуниор КВ во 20 минута имаа предност од 10:8, додека по пет минути ги имаа највисоките четири гола разлика, 12:8. Тоа беше причина тренерот на Радовиш, Мијалов да повика тајм-аут.
Ракометарите на Радовиш почнаа да „креваат раце“, не можеа да се вратат во игра и дозволија домаќинот да има целосна доминација на теренот. Незапирливи беа Димевски и Крстески, двајцата постигнаа вкупно девет гола во првото полувреме, кое што заврши со предност на домаќините од 15:9.
Водството на Јуниор КВ по десет минути игра во второто полувреме беше 22:13. Црвен картон во 45 минута поради три исклучувања заработи кружниот напаѓач на Јуниор КВ, Антонио Николовски. Тимот на Мијалов заостануваше на пет до шест гола и никако не можеше да ја преполови негативата и да се избори за егал. При резултат од 26:20 на пет минути до крајот, на гостите јасно им беше дека ќе си одат со празни раце.
Најефикасни во победничката екипа беа Стефан Крстески со осум и Филип Димевски со седум гола. Во поразениот табор единствена светла точка беше Јакша Вјештица, кој девет пати се запиша во листата на стрелци.