Општинското дерби во плеј-оф фазата од Првата лига меѓу екипите на Јуниор КВ и Драчево кое се одигра во салата при ОУ „Круме Кепески“, сала во која играат двете екипи, заврши со убедлива победа на екипата на Јуниор КВ од 28:23. Во истата сала, пред околу еден месец, Јуниор КВ, исто така забележа победа над Драчево со 35:28.
Јуниор КВ, која на овој натпревар беше формално домаќин, со новите освоени бодови го презеде третото место на табелата, на кое се наоѓаше Вардар Неготино, кој има натпревар помалку. Ракометарите на Илија Чокрев дојдоа до 27 бода на свое конто, додека неготинци имаат два бода помалку (25).
„Гостите“ беа во водство само во воведниот дел од натпреварот, водеа на трипати со 2:3, 2:4 и 3:4. Јуниор КВ заигра поангажирано во следниот период, израмни на 4:4 и до крајот ја диктираше играта на терен. Сите обиди на Драчево за враќање на натпреварот пропаднаа уште во првото полувреме. Екипата на Јуниор КВ во последниот период од првиот дел успеа да го надигра противникот и на пауза замина со предност од четири гола разлика, 13:9.
Во второто полувреме немаше резултатска неизвесност бидејќи „домаќините“ не дозволија многу простор за изненадување. Предноста на Јуниор КВ беше зголемена на највисоки осум гола разлика, 25:17. Уште во неколку наврати водството на Јуниор КВ изнесуваше плус осум гола разлика, додека ракометарите на Драчево успеаја да избегнат само поголем пораз.
Предводник во победничката екипа беше Дарио Симоноски со шест погодоци. Во таборот на Драчево прв стрелец беше Бобан Андовски со седум гола. Во следното коло Јуниор КВ ќе гостува во Богданци кај Младост, а Драчево на свој терен ќе го пречека Аеродром.