Репрезентацијата на Холандија, која е еден од ривалите на Македонија на Европското првенство во ноември, имаше одличен старт во подготвителниот период, откако во натпревар од Златната лига ја надигра моќната Данска со осум гола разлика, 30:22.
Холанѓанките иако настапија без неколку стандардни репрезентативки, сепак, покажаа дека ќе атакуваат на висок пласман на Европското првенство, на кое нашата држава заедно со Црна Гора и Словенија ќе бидат домаќините на континенталниот собир.
Високите амбиции ги потврди и новиот селектор, искусниот стратег од Шведска, Пер Јохансон, кој изјави дека неговата репрезентација ќе оди на освојување на еден од трите медали.
„Нашиот сон е да освоиме медал на ЕП. Репрезентативниот тим мора да верува во тоа. Многу сме загрижени поради големиот број на отсутни играчи. Но, тоа отвора можности за другите да се докажуваат. Уживам да работам со Кели Дулфер и Ингер Смитс. Тие долго време играат заедно, а сега одлично настапуваат со Битингхајм во Лигата на шампионите. Плус тука е Еставан Полман. Мора да го искористиме нејзиното искуство. Ако не можеме да стигнеме до медал на ЕП, тогаш можеме да се надеваме на некој висок пласман, со цел да останеме во игра за олимписките квалификации”, изјави селекторот на Холандија, Пер Јохансон за ,,Handbalinside.nl”.
Холандија освен со Македонија ќе игра и со репрезентациите на Франција и Романија во рамки од групата Ц. Трите најдобри репрезентации од секоја група ќе обезбедат пласман во следната фаза на ЕП.