По двата меча и два порази од унгарскиот ПИК Сегед, ракометарите на Вардар ги чека уште еден двомеч, овојпат против норвешкиот првак Елверум.
Средниот бек Ловро Јотиќ вели дека Вардар мора да ги освои бодовите на овие два меча против Елверум што ќе се играат во Скопје.
„Не чекаат натпреварите со Елверум, мислам дека ова се натпревари во кои мора да победиме и да освоиме бодови. Со ПИК Сегед заслуживме бод, но се случи нешто во вториот дел, паѓаме и не можеме да се вратиме. Мислам дека растеме брзо, мислам дека играме многу подобро во споредба со претходно и со оглед на тоа дека Сегед беше фаворит на двата меча, добро ги намачивме. Очекувам да одиграме уште подобро против Елверум. Тие се различна екипа од сите други. Трчаат многу, но мислам дека со наша добра одбрана не би требало да ни создадат многу проблеми бидејќи немаат толку искусни играчи како Сегед“, вели Јотиќ.
Натпреварите против Елверум се играат на 21 февруари (16:00) и 24 февруари (18:45) во СЦ „Јане Сандански“.