Ловро Јотиќ пред почетокот на сезоната од Загреб се приклучи на Еурофарм Работник и покажува дека е големо засилување со одличните игри. Потврда за тоа се настапите во Лигата на шампионите и СЕХА лигата каде што се наметнува како лидер во екипата.
Во интервјуто за официјалниот сајт на СЕХА лигата, Јотиќ зборуваше за првите впечатоци од новиот клуб и очекувањата сезонава.
„Главна цел за тимот е групната фаза да ја завршиме на најдобар начин и да се пласираме во следната рунда. Секако сакаме да одиме до крај, но не зависи тоа само од нас туку и од противниците. Ние на секој натпревар одиме на победа и ќе се обидеме да останеме што подолго во натпреварувањетo. Нема многу разлика помеѓу Еурофарм Работник и Загреб освен што таму бев дома, но и тука се чувствувам како дома. Ме прифатија сите, има многу играчи од околните земји и се адаптирав многу брзо. Во Еурофарм Работник дојдов за да играм и да покажам што знам. Минатата сезона во Загреб имав многу малку шанса за игра и не бев задоволен. Засега сум многу среќен во Битола, сè е одлично“, додаде Хрватот.
Како главна предност во однос на останатите тимови Ловро Јотиќ ја смета одбраната на тимот и навивачите во Битола.
„Нашата одбрана е навистина цврста особено кога играме на домашен терен со помош на нашите навивачи. Тие ни даваат дополнителен мотив да бидеме подобри и посилни. Нашите неверојатни фанови, нашата одбрана, брзата транзиција и паметните напади сметам дека се нашата најголема предност пред конкурентите“, заврши Јотиќ.
По триумфот над Веспрем, нема многу време за одмор за Еурофарм Работник, бидејќи „фармацевтите“ ги чекаат натпревари со Загреб и Мешков Брест.