Ракометарите на Еурофарм Пелистер 2 беа најголемото изненадување во изминатата сезона во македонската елита, откако успеаја да го победат Вардар во регуларниот дел од сезоната, а плеј-оф фазата ја завршија на 4. позиција, со што изборија место во Лига на Европа.
Тренерот на Еурофарм Пелистер 2, Александар Јовиќ на вчерашната презентација, на која беа претставени новите дресови на клубот, како и новите капитени од првиот и вториот тим на Еурофарм Пелистер, истакна дека е горд на остварените резултати во минатата сезона и дека тимот ќе продолжи да напредува понатаму.
,,Голема награда за овие момци се европските натпревари кои следат. Остваривме големи работи минатата сезона и спремни сме за новата. Гостувањето во Австрија викендов ќе биде голем тест за оваа млада екипа. Сакам да потенцирам дека за мене најголема сатисфакција е постојаниот прогрес на ракометари од Еурофарм Пелистер 2 во Еурофарм Пелистер. Убаво е да се живее и работи во град како Битола, во организиран клуб кој знае што сака. Јас сум тука две години, но со претседателот Стерјев соработувам три години, бидејќи една година пред да дојдам во Битола заеднички го проектиравме ова што се случува во Еурофарм Пелистер 2. Тогаш три момчиња од школата Алушовски дојдоа во Битола и сега се репрезентативци. Овој процес ќе продолжи и понатаму”, изјави Јовиќ.
Екипата на Еурофарм Пелистер 2 во новата сезона ќе настапи со подмладен состав во однос на претходната сезона. Избраниците на Јовиќ на 27 август ќе го одиграат првиот дуел против австрискиот вицепрвак Алпла Хард во рамки од првото квалификациско коло во Лига на Европа, додека реванш натпреварот, кој ќе се одигра во Битола, е закажан за 4 септември.