Јовиќ останува во Битола – го продолжи договорот со Еурофам Пелистер 2

Успешната сезона и остварувањето на целта не остана не забележана од управата на Еурофарм Пелистер 2. Непосредно пред почетокот на плеј-офот, битолскиот клуб и тренерот Александар Јовиќ договорија продолжување на соработката.

Јовиќ денес потпиша договор на една сезона и ќе го води Еурофарм Пелистер 2 во сезоната 2021/22. Младиот тренер го внесе тимот во разигрувањето и тоа е голема награда за најмладата екипа во Суперлигата.

„Сакам да изразам благодарност до претседателот Зоран Стерјев и целокупната управа на ракометното семејство Еурофарм Пелистер за укажаната доверба и за продолжувањето на соработката. Голема благодарност што управата ни овозможи одличен тренерски тим. Тука мислам на Александар Зарков како мој прв соработник, Зоран Атанасовски, кондицискиот тренер Александар Марковски, физиотерапевтот Јован Боглев и Златко Вељановски како логистика. Имаме одличен тим и во следната сезона ќе ја оправдаме довербата и ќе работиме за добробитот на битолскиот и македонскииот ракомет“, вели Јовиќ.

Еурофарм Пелистер 2 со победа ја започна и 2021 година, бидејќи во првото коло на Купот на Македонија, во Битола падна Јехона. Во рамките на првото коло на плеј-офот, Еурофарм Пелистер 2 утре гостува во Скопје против Вардар. Натпреварот почнува во 15:00 часот.