Јовиќ: Мора да ја подигнеме формата – да се бориме за двојна круна во Македонија и Ф4 во СЕХА!

Тимот на Еурофарм Пелистер утре го очекува првиот четвртфинален натпревар од СЕХА лигата во дивизијата „Југ“ против словачкиот Татран Прешов.

Тренерот Александар Јовиќ, чиј тим има набиена агенда и во Суперлигата и во СЕХА лигата, очекува тежок натпревар.

„Татран е квалитетен тим, сигурен сум дека ќе биде тежок натпревар. Можам да кажам дека ќе направиме се за да се подготвиме најдобро што можеме. Имаме два клучни месеци пред нас, и мора да најдеме начин да ја подигнеме формата и да се обидеме да ја освоиме двојната круна во Македонија, како и да се бориме за ново учество на Ф4 во регионалната СЕХА лига“, вели Јовиќ.

Првиот натпревар меѓу Еурофарм Пелистер и Татран Прешов се игра утревечер во салата „Боро Чурлевски“ со почеток во 18:00 часот.