Ракометарите на Еурофарм Пелистер загубија од Вардар со 26-25 во финалето на завршниот турнир во Купот на Македонија.
Тренерот на битолчани Александар Јовиќ, вели дека за разлика од Битола неговиот тим потфрли во одбрана, и потенцираше дека на вакви натпревари треба да судат најдобрите судии.
„Честитки за Вардар за освоениот Куп, од почеток до крај имаа водство, ние цело време бевме во негатива и бркавме резултат. Потфрливме во одбрана и ја немавме таа агресивност. Вардар е одлична екипа со искусни ракометари и знаевме дека ќе биде тешко и неизвесно. Мислам дека кога играат двата најдобри клубови, без разлика дали е куп или првенство, треба да судат најдобрите судии, тоа е мое размислување“, вели Јовиќ.
Еурофарм Пелистер има уште две кола до главната цел, титула во првенството.
„Свесни сме дека имаме два меча со Охрид на гости и Тиквеш на домашен терен, и мора да победиме на двата меча за да ја освоиме шампионската титула“, заврши Јовиќ.