Тимот на Еурофарм Пелистер 2 го очекува европското деби и натпреварот од првото квалификациско коло во Лигата на Европа.
Ривал е екипата од Австрија, Алпла Хард, која минатата сезона беше на второто место во првенството.
Тренерот Александар Јовиќ вели дека неговите момци се подготвени за големиот предизвик.
„Екипата на Апла Хард е добра и искусна екипа. Ние добивме некои видео материјали од нивните подготвителни натпревари и направивме анализа, па мислам дека подготвено ќе влеземе во мечот. Направивме добри подготовки, имавме четири пријателски средби со Еурофарм Пелистер и Охрид, по два меча. Јас сум задоволен од сите дуели. Сметам дека спремни ќе ги дочекаме прво овие два натпревари, а потоа и првенството. Враќањето на Петровиќ ќе ни значи, а доаѓањето на Кукуловски ќе донесе плус во нашата екипа за оваа сезона, затоа што се работи за добар и искусен играч“, изјави Јовиќ.
Капитенот Стефан Талевски вели дека неговиот тим може само да добие од овој натпревар.
„Тимот на Алпла Хард е доста квалитетна екипа. Но, сепак, ние сме борбен тим и мислам дека во овој натпревар нема што да загубиме, туку можеме многу да добиеме како подарок од минатата сезона. Одигравме четири контролни натпревари, но тогаш не бевме во полн состав. Подготвени сме за предизвикот, па се надевам на позитивен резултат на европското деби. Плус, ги добивме и Кукуловски и Петровиќ во екипата, со нив имаме поголема ротација во двата правци“, изјави Талевски.
Натпреварот меѓу Алпла Хард и Еурофарм Пелистер 2 ќе се одигра утревечер со почеток во 19:00 часот.