Ракометарите на Еурофарм Пелистер се блиску да ја минат четвртфиналната фаза во дивизијата „Југ“ од регионалната СЕХА лига, откако славеа во првиот меч против словачкиот Татран Прешов со 37-29.
Тренерот Александар Јовиќ беше задоволен од прикажаното од неговите избраници и побара поддршка од навивачите во клучните два месеци.
„Игравме одлична одбрана, бевме агресивни, покажавме тимски дух и заслужено победивме убедливо на крајот. Голема благодарност до играчите за ангажманот и благодарност до публиката. Многу ја сакам Битола, го сакам и клубот и ни требаат сплотени навивачи во овие два месеци од сезоната, бидејќи само така ќе ги оствариме целите и ќе освојуваме титули. Ветувам дека секој следен пат ќе се бориме уште повеќе“, изјави Јовиќ.
Реваншот меѓу Татран Прешов и Еурофарм Пелистер ќе се игра во понеделник со почеток во 16:00 часот.