Екипата на Кил денеска е домаќин на Вардар во 11. коло од Лигата на шампионите, а овој дуел ќе покаже дали „зебрите“ можат да го задржат првото место во групата. Воедно ќе се види и дали Вардар ќе може до крајот на групната фаза да направи скок од некоја позиција и да има подобро место пред елиминациите.
Пред денешниот дуел тренерот на домашните, Филип Јиха вели дека денеска мораат да победат ако сакаат да остварат дел од амбициите односно да стигнат до првата позиција во групата која носи во четврт-финале.
„Со густиот календар на натпревари особено во Бундес лигата и амбициите да дојдеме до титулата навистина ни се потребни оние два викенда да ни бидат слободни во осминафиналето. Затоа целиме кон тоа да се пласираме на првото место во групата и да одиме директно во четврт-финалето од Лигата на шампионите. Отсега натаму секој натпревар за нас и во Бундес лигата и во Лигата на шампионите е како мало финале. Сакаме ли да го оствариме тоа денеска мораме да го совладаме Вардар“, коментира Јиха.
Средбата почнува од 19 часот, а домашните влагаат како фаворити.