Хрватската ракометна јавност е во исчекување на наследникот на Хрвоје Хорват на клупата на „каубоите“, иако сѐ уште не е официјално потврдено неговото заминување.
Хрватскиот ракометен сојуз излезе со изјава за јавноста дека не е задоволен од пласманот на 9 место на Мундијалот во Полска и Шведска.
Пласманот во четвртфиналето и Квалификациите за Олимписките игри останаа пуста желба, па сосема логична е смената на селекторското столче во Хрватска. Сепак последниот збор за дефинитивната одлука треба да го даде координаторот на хрватските ракометни селекции, Лино Червар.
Неколку ракометни имиња веќе ја започнаа својата медиумска кампања за преземање на националниот тим. Горан Перковац, Славко Голужа и Владо Шола се дел од имињата кои јавно дадоа до знаење дека се подготвени да застанат на чело на Хрватска, а најновото име кое се става на овој список е и поранешниот македонски селектор Ивица Обрван.
,,Можеби не е коректно да се огласувам се додека актуелниот селектор е сѐ уште на функцијата. Но со оглед на тоа дека одредени кандидати започнаа да се појавуваат по медиумите, а тоа со Хорват е речиси завршена приказна, мислам дека имам право да кажам дека овој спорт е мојот живот, направив големи работи во него, и моите аргументи се можеби најсилни моментално. Гледам дека ме спомнуваат како потенцијален наследник. Мислам дека имам совршени референци, можеби и најдобри за она што го имам работено. Во врвот на својата тренерска кариера сум, и имам одреден континуитет на високо ниво”,изјави Обрван за хрватскиот портал ,,Данас”.
Обрван во својата кариера беше тренер и на клупско и на репрезентативно ниво. Седеше на клупата на Метковиќ, Медвешчак, Горење и на два пати Загреб. Македонската ракометна јавност го запозна кога застана на чело на Македонскиот национален тим кој го водеше од 2013 до 2016 година, а исто така ја водеше и Босна и Хергеговина од 2021-2022. Последен ангажман му беше во ППД Загреб од каде доби отказ.