Селекцијата на Јапонија успеа позитивно да го заврши Светското првенство и тоа со победа откако денеска во последниот натпревар од Групата 2 забележа победа со 29:25 против репрезентацијата на Бахреин.
Ова беше натпревар кој не решаваше ништо и кој беше само за завршување на настапот на Мундијалот. И двете селекции немаа шанси уште претходно за пласман во четврт-финалето така што од почеток беше мирно. Неизвесноста траеше до 5:5, кога Јапонија поведе со 7:5 и потоа постојано го зголемуваше водството.
Ракометарите од Бахреин немаа веќе сили за да се вратат и до крајот на полувремето уште повеќе попуштија. Тоа беше искористено од страна на противниците кои успеаја да стигнат до поголема предност. Јапонците одиграа многу подобро и заминаа на одмор со водство од 19:12.
Овие седум гола предност беа и повеќе од доволно за да се дојде до два бода од овој дуел бидејќи во второто полувреме постојано се имаше контрола на резултатот. Бахреин се обиде да намали и успеа да стигне до пристојни четири гола негатива, но не можеше повеќе.
Практично Бахреин се врати во средбата во последните минути откако претходно Јапонија постојано беше во водство од шест до осум гола. Сепак, во последните 2-3 минути немаше потреба од форсирање и така беа обезбедени конечните 29:25.
Со ова заврши првенството и за двете селекции така што сега се во очекување на конечниот расплет и позицијата на која ќе го финишираат овој шампионат.