Женската младинска репрезентација на Македонија на Европското првенство во Романија заврши на 15. позиција со биланс од шест порази и една победа.
Младинките на Македонија единствениот триумф на младинскиот континентален собир го остварија во дуелот со Хрватска, а беа поразени на натпреварите со Исланд, Србија, Норвешка, Данска, Чешка и Црна Гора.
Македонија на седум натпревари постигна вкупно 182 погодоци, во мрежата на нашата репрезентација ривалите постигнаа вкупно 221 погодок.
Во репрезентацијата на Јулијана Дамчевска најмногу се истакнаа Марија Јанкуловска и Сара Стефаноска. Јанкуловска заврши меѓу најдобрите 25 стрелци на Европското првенство и на седум натпревари постигна 33 погодоци, додека членката на Вардар, Стефаноска, имаше 31 реализација.
Емилијана Ризоска, која во дуелот со Хрватска одигра без грешка, имаше девет од девет, заврши како трет стрелец во македонската репрезентација со 24 погодоци, по неа следуваат Теодора Дукоска и Ива Младеновска со 22, односно 19 погодоци.
Сестрите Коцеви, Борјана и Бојана, постигнаа вкупно 24 погодоци, од кои 14 беа дело на Борјана и 10 погодоци беа зад името на Бојана. Сите останати кои настапија во „црвено-жолтиот“ дрес се запишаа во листата на стрелци.
Според статистиката на Европската ракометна федерација (ЕХФ), трите голманки – Матеа Чурлиновска, Марија Јовановска и Ема Кирова имаа вкупно 54 одбранети удари.
Јовановска во дадената минутажа на терен собра најмногу интервенции, вкупно 25, Кирова се покажа во солидно светло со 19 интервенции и Чурлиновска меѓу стативите имаше осум интервенции.
Листа на стрелци на Македонија на Европското младинско првенство 2023:
- Марија Јанкуловска 33
- Сара Стефаноска 31
- Емилијана Ризоска 23
- Теодора Дукоска 22
- Ива Младеновска 19
- Бојана Коцева 14
- Борјана Коцева 10
- Нена Нестороска 9
- Анастасија Трпеска 6
- Адела Еленин 5
- Јана Равојска 4
- Нина Попова 3
- Бојана Радевска 3