Денес во Македонија започнува Светското кадетско првенство во женска конкуренција. Во групната фаза вкупно ќе има осум групи со по четири селекции, а првопласираната и второпласираната репрезентација од секоја група ќе обезбеди пласман во следната, односно главната фаза.
Репрезентацијата на Македонија во рамки од групата Б, за ривали ги има Сенегал, Узбекистан и Иран.
Средниот бек на македонската репрезентација, Марија Јанкуловска очекува пласман меѓу најдобрите осум репрезентации на кадетскиот Мундијал.
„Нашите очекувања се да обезбедиме пласман меѓу 8-те најдобри репрезентации. Добро се подготвивме, имавме одлични припреми во Маврово, каде што бевме 14 дена, ги издржавме сите напори и сметам дека спремни дојдовме во Скопје. Атмосферата во нашата репрезентација е одлична, сите сме како едно семејство. Со оглед на тоа што играме против репрезентации како Сенегал, Узбекистан и Иран, на некој начин сме фаворити во нашата група, но нема да дозволиме да не понесе еуфорија. Ние играме со многу голема желба, веруваме во самите себе, веруваме во чуда и играме со срце. Се надевам дека ќе победиме на сите три натпревари во првата фаза и дека ќе влеземе меѓу најдобрите осум репрезентации”, изјави Јанкуловска за 24Ракомет.
Сите натпревари на Македонија се играат во вечерниот термин од 20:30 часот во СЦ „Борис Трајковски“. Влезот за сите натпревари на Светското првенство е слободен.