Женската репрезентација на Македонија веќе ги започна подготовките за настап на Европското првенство во ноември, на кое нашата држава заедно со Црна Гора и Словенија ќе бидат домаќините на континенталниот собир.
Македонија немаше многу среќа во ждрепката и за ривали ги доби репрезентациите на Холандија, Франција и Романија. Пласман во следната фаза ќе обезбедат најдобрите три репрезентации од секоја група.
Една од носителките на играта во репрезентацијата на Македонија, Моника Јанеска верува во пласман во следната фаза на континенталниот собир.
,,После долго време нашата репрезентација ќе игра на Европско првенство и мислам дека тоа е сон и желба на секоја ракометарка, затоа сите ќе играме од срце и ќе го дадеме најдоброто од себе. Се надевам дека на сите три натпревари ќе се претставиме во одлично светло. Знаеме дека Франција и Холандија се фаворити за медал, односно за висок пласман, но секако, ние нема да се предадеме. Играме на домашен терен и тоа е наша предност. Шансата за пласман во следната фаза ќе ја бараме против Романија. Против романската селекција имаме играно повеќе пати и доколку играме тимски може да ја победиме. Во натпреварите против Црна Гора и Словенија во рамките од ЕХФ Евро Купот одигравме добро и покажавме дека може да се носиме против поквалитетни репрезентации. Сметам дека и младите ракометарки, кои одиграа добро младинско првенство, ќе одиграат повторно на висина на задачата и ќе ни помогнат да оствариме позитивен резултат. Очекувам поддршка од публиката на сите три натпревари и се надевам дека ќе биде нашиот осми играч”, изјави Јанеска.
Искусната ракометарка со тимот на Коњалти имаше одлични настапи во минатата сезона, а во годинешната сезона клубот атакува да го освои првото место во Европскиот Куп и во шампионатот на Турција.
,,Коњалти во оваа сезона за првпат играше на европска сцена, се пласиравме во 3. коло од Европскиот Куп и целта ни е да дојдеме до медал во ова натпреварување. Раководството на клубот верува дека може да дојдеме и до првото место, бидејќи имаме одлична екипа. Добро котираме и во турскиот шампионат, во кој исто така имаме шанси да направиме историски успех”, изјави Јанеска.
Европско првенство 2022 ќе се одржува во периодот од 4 до 20 ноември. Освен во Скопје, ќе се игра и во Подгорица, Целје и Љубљана.