Данскиот стратег, Николај Јакобсен успеа да го повтори успехот од пред две години и да ја одбрани шампионската титула на Светското првенство во Египет. Неговата репрезентација во 2019 година на свој терен и пред своите фанови успеа во финалето да слави убедлива победа против Норвешка.
Оваа година уште една соседска земја беше пречка, но Данците со психолошка предност во последните десет минути го потврдија епитетот најдобра репрезентација на светот во 2021 година.
После финалниот натпревар, Николај Јакобсен ги сподели своите впечатоци, а како главен адут во победата против Шведска ги истакна Јакоб Холм и Никлас Ландин.
„Мислам дека сега сите сме многу уморни и ова беше еден напорен пат до успехот. Швеѓаните исто така добро одиграа во финалето, а ние имавме лоши периоди во нападот. Беше многу важно што се вративме во игра и го изедначивме резултатот на полувреме. Промената која ја направивме во вториот дел вроди со плод. Започнавме да играме 5-1 во одбраната и во игра го ставив Јакоб Холм на кој нозете му беа свежи во моментите кога се кршеше резултатот. Секако, одлучувачки беа одбраните на нашиот голман, Никлас Ландин“, изјави Јакобсен.
Данска во скандинавскиот дуел на Светското првенство во Египет беше подобра од Шведска со резултат 26:24.