Јакобсен: Добивам пораки дека сум дебел и грд, луѓето ги нервирам и кога џвакам мастика

Данскиот стратег, Николај Јакобсен во изјава за ТВ2 проговори за коментарите и пораките на социјалните мрежи кои ги добива лично тој и неговата репрезентација за време на Светското првенство во Египет.

„Луѓето имаат очекувања од нашиот тим, тоа го знаеме. Ако победиме на неколку натпревари, има многу пофалби во медиумите. Но, во случај на било каков неуспех, сè е свртено наопаку“, изјави Јакобсен за ТВ2.

Тој се осврна и на пораките од понежниот пол, дел од нив се однесуваат и на неговиот физички изглед.

„Најчесто добивам пораки од жени постари од 60 години. Добивам пораки дека сум дебел и грд. Ме прашуваат дали можам да ослабам? Неподносливо му е на некој да ме гледа со гума за џвакање за време на натпревар. Убедливо, повеќето од коментарите и пораките се позитивни. Но, генерално, се обидувам да се држам настрана од социјалните мрежи, особено за време на големите првенства“, кажа Јакобсен.

Данска денеска го игра финалето на Светското првенство во Египет. Противник на избраниците на Николај Јакобсен е селекцијата на Шведска. Натпреварот започнува со почеток од 17:30 часот.