На екс ракометарот на Металург, Халил Јагањац, кој во оваа сезона настапува на позајмица од Келце во редовите на Рајн Некар, ќе му биде направена операција на повреденото рамо.
Репрезентативецот на Хрватска минатата недела заработи повреда на рамото и прогнозите во претходниот период не беа ни најмалку оптимистички.
Од раководството на бундеслигашот соопштија дека Јагањац мора да оди на операција и не се знае колку точно ќе отсуствува од ракометните терени.
Постои веројатност Јагањац да го пропушти останатиот дел од оваа сезона и неговиот камбек на терените да биде дури во наредната сезона, но дури по операцијата ќе се знаат сите детали околу неговата пауза.
Хрватот во дресот на Рајн Некар одигра 13 натпревари и постигна 58 погодоци. Заради повредата нема да настапи на Мундијалот во 2023 година.