Новата ракометна ѕвезда од Фарски Острови, средниот бек Оли Митун, кој на Европското првенство за кадети во Црна Гора постигна дури 80 погодоци на само седум одиграни натпревари, го привлече вниманието на големите клубови, но и на данската репрезентација.
Како што е веќе познато Фарски Острови имаат свое самоуправување, но се дел од кралството Данска. Низ данските медиуми се појавија информации за можна преселба на Митун во репрезентацијата на Данска, но талентираниот ракометар експресно ги одби шпекулациите.
Митун во разговор за данската телевизија „Спорт ТВ2“, истакна дека доколку добие покана од репрезентацијата на Данска не би ја прифатил и до крајот на својата репрезентативна кариера ќе настапува за островската земја.
,,Јас никогаш не би го направил тоа. Јас сум државјанин на Фарски Острови и навистина сакам да ја претставувам мојата земја. Мислам дека не е во ред да играш за Данска, а си државјанин на Фарски Острови. Напредуваме во ракометот и мислам дека еден ден ќе играме на сениорското ЕП. Можеби уште во 2024″, изјави Митун.
Младиот ракометар на кадетскиот континентален собир во Црна Гора беше прогласен за најкорисен играч, односно за МВП. Фарски Острови на крајот завршија на 9 место на ЕП, обезбедија место на следното ЕП за младинци во 2024 година, како и место на СП 2023 година за кадети во Хрватска.
Митун, моментално настапува за шведски Савехоф, клуб, кој освен на домашна сцена игра и во рамки од Лига на Европа.
Нова ракометна ѕвезда од Фарски Острови – даде 80 гола на седум меча на ЕП!