Со денешниот натпревар меѓу Куманово и Струга ќе стартува новото, 9. коло во плеј-оф/аут фазата во Супер лигата.
Стружани се наоѓаат во победнички ритам откако на последните четри дуели триумфираа против Вардар Неготино, Јуниор КВ, Радовиш и Скопје.
Кружниот напаѓач на Струга, Богдан Ѓуровиќ очекува неизвесен дуел, но се надева дека неговиот тим ќе дојде до нова победа во борбата за опстанок.
,,Мислам дека не очекува еден цврст натпревар, со оглед на тоа дека и Куманово се наоѓа во добра форма во плеј-аут фазата. Ние влеговме во победнички ритам, триумфиравме на последните четири натпревари, па мислам дека може да стигнеме до петта последователна победа во борбата за опстанок. Според мене, главен ас во екипата на Куманово е нивниот голман Стефан Кимевски и организаторот на играта Владан Кастратовиќ, така што пресудна работа на овој дуел ќе биде нашата концентрација, односно да не го разбраниме нивниот голман и да одиграме силна одбрана како на претходните натпревари”, изјави Ѓуровиќ.
Двете екипи се наоѓаат далеку од опасната зона за испаѓање. Куманово моментално е на 2. позиција со 20 бодови, додека Струга е на 4. позиција со 15 бодови.
Натпреварот меѓу Куманово и Струга ќе се одигра во спортската сала при СОУ “Перо Наков“, со почеток од 18:00 часот.