Македонската сениорска репрезентација стартуваше со триумф на пријателските натпревари, откако славеше против Кувајт со убедливи десет разлика, 31-21.
Во ростерот од 18 ракометари не беше селекторот Лазаров, а не играа ниту Мартин Велковски, Никола Митревски и Цветан Кузманоски, а голема минутажа добија помладите ракометари.
Средниот бек Игор Ѓорѓиев вели дека сите се трудат да се наметнат на овој систем на игра.
„И од самиот себе и од моите соиграчи сум презадоволен. Го покажавме она што го трениравме овие неколку дена. Ни помогнаа советите на селекторот на паузата, „уфрливме“ во втора брзина во второ полувреме, нашата игра беше побрза и реализиравме чисти ситуации, а и голманите фатија доста топки. Сите ние младите се трудиме максимално да се наметнеме на овој систем на игра. Подготовките засега течат фантастично и се надевам ќе продолжиме така“, вели Ѓорѓиев.
Македонија на 29 декември ќе игра против Кувајт, додека закажани се уште две средби против Израел на 3 и 4 јануари.