На само неколку дена до стартот на пролетниот дел од сезоната во Супер машката лига денеска ракометарите на Металург ги очекува натпревар од Лигата на Европа на кој ќе се соочат со составот на Адемар Леон.
Металурзите ќе имаат тешка задача со оглед на тоа што им претстои натпревар против составот кој се бори за 2. позиција во Групата А и затоа ова ќе биде доста возбудлив меч во кој гостите влагаат со улогата на фаворити.
„Нè чека тежок дуел со Адемар Леон. За нас ова е последен натпревар во Лигата на Европа, на кој нема што да загубиме и верувам дека ќе бидеме многу мотивирани. Мислам дека ова би требало да биде еден од најдобрите наши натпревари оваа сезона. Можевме многу подобро сезонава, но имавме многу проблеми со повредени играчи и Ковид-19 и никако да се склопиме, посебно овој втор дел каде што не можевме да одработиме ни тренинг во комплетен состав. Сега полека се комплетираме, а ни недостига уште Велко Маркоски со кого сигурно ќе бевме посилни во одбраната и ќе имавме поголема ротација за овој натпревар“, коментира голманот на Металург, Даниел Ѓорѓески.
Натпреварот се игра во салата во „Борис Трајковски“, а почнува од 18:45 часот.