Второпласираниот тим во Женската лига, Ѓорче Петров, победи на гостувањето кај Стружанка, со резултат 21:27, во натпревар од 10. коло од плеј-оф фазата. Со новите бодови скопјанки остануваат во трка за титулата, веднаш зад Куманово.
Екипата од Ѓорче Петров посакуваните бодови ги освои откако покажа одлична игра во второто полувреме. Со краткиот ростер, Стружанка немаше многу опции за изненадување на овој натпревар, но во текот на првите 30 минути не се предаваше и сѐ уште беше во игра за освојување на бодовите. Играта на избраничките на Симе Симовски, кои во воведниот дел поведоа со 2:0, беше проследена со голем пад во завршниот дел од првото полувреме.
При водство на Ѓорче Петров од 5:10, домаќинките со серија од 3:0 се вратија во игра и намалија на минус два, 8:10. Од тој момент, па сѐ до крајот на првото полувреме се играше гол за гол, а резултатот на пауза беше 11:12 во корист за гостинскиот тим.
Ѓорче Петров во второто полувреме за само неколку минути игра го скрши отпорот на домаќинот и со серија од 5:0 се одлепи на плус шест гола разлика, 11:17. Стружанка првиот гол во вториот дел го постигна дури во 42. минута преку Делиоска. Гостинките до крајот на натпреварот константно беа во водство и во ниту еден момент победникот не беше доведен во прашање.
Победничката екипа беше предводена од Милица Николиќ со десет и Симона Василева со осум погодоци. Прв стрелец во таборот на Стружанка беше Магдалена Делиоска со девет гола.