Поминаа 13 сезони, откако тимот на Ѓорче Петров со додавката Кометал, последен пат одигра натпревар во Европа. На 15 февруари 2009 година, ракометарките на Ѓорче Петров го одиграа осминафиналниот натпревар од Купот на победниците на Куповите против германскиот Баер Леверкузен.
Тогаш славеа со 21-20, но претходно загубија во Германија со 31-21 и ги завршија европските настапи за сезоната 2008/09. Тогаш за Кометал Ѓорче Петров настапуваа сестрите Едуарда и Ана Каролина Аморим, сестрите Елена и Душица Ѓорѓиевски, Јулија Портјанко, Драгица Кресоја, Јелена Поповиќ, Хрватките Бошњак и Крижанац, како и македонските репрезентативки Бајрамоска, Млаеновска, Пецевска, Илкова, Стојковска, Треноска, Штериова, Мркиќ, Николовска и Охоланга Локи.
Денеска почнува нова ера на „лавиците“ од Ѓорче Петров, кои лани ја вратија шампионската титула по долго време и обезбедија европски настапи. Првата станица е Исланд и тимот на КА Тор.
Станува збор за тим што беше шампион на Исланд во сезоната 2020/21, а лани беше елиминиран во полуфиналето на плеј-офот, откако заврши на третото место во регуларниот дел. Во новата сезона загубија два пати на гости – кај Стјарнан со 29-18 и кај ИБВ Вестманејар со 28-27, а дома го победија Хаукар со 26-25.
Пред дуелите со Ѓорче Петров, КА Тор се засили со бразилскиот бек Наталија Соарес, која има 20 години и доаѓа од португалскиот шампионат каде за тимот на Маиа во две сезони даде 162 гола. Уште една интернационалка е хрватска голманка Матеа Лонац.
КА Тор е спој на младост и искуство. Најголем дел од ракометарките имаат од 17 до 23 години, но има и пет ракометарки што имаат 30 или повеќе години. Голманката Лонац има 30, средниот бек Марин Андресдотир има 33, десниот бек Рут Јонсдотир има 31, исто колку и левото крило Умур Орансдотир. Највозрасна со 36 години е левото крило Катрин Вилјамсдотир.
Десниот бек Јонсдотир имаше завидна кариера во Данска и играше за Икаст, Холстебро, Рандерс и Есбјерг пред да се врати во татковината.
Ова е трета сезона за КА Тор во Европа, а лани минаа едно коло во Европскиот Куп откако го елиминираа косовскиот Истогу, но потоа испаднаа од шпанскиот Елче.
Натпреварите меѓу Ѓорче Петров и КА Тор се играат вечерва и утре од 21:30 часот во Акурејри.