Ракометарките на Ѓорче Петров со победа од 41:26 против Спартак го завршија регуларниот дел од првенството во Женската лига. Избраничките на Симе Симовски сосема очекувано доминираа во текот на целиот натпревар и трите освоени бодови ги обезбедија уште во првите петнаесетина минути.
Екипата на Ѓорче Петров за само три минути игра обезбеди водство од 5:0 и во продолжението полека ја зголемуваше својата предност. Домаќинките одлично ја завршија својата работа во одбрана и му дозволија на својот противник да постигне само три погодоци во првата половина од првото полувреме. Ѓорчепетровки на пауза заминаа со плус 12 гола разлика, 21:9.
Во вторите 30 минути ситуацијата на терен не донесе поголеми промени. Ѓорче Петров не се опушти ни за момент и рутински ја одработи денешната задача. Гостинките од Кисела Вода во самиот финиш на натпреварот постигнаа три погодоци во серија, но не можеа да ја преполоват високата разлика бидејќи имаа огромно заостанување.
Најефикасна на натпреварот беше ракометарката од редовите на гостинската екипа, Ангела Гроздановска со 12 погодоци. Во победничкиот табор листата на стрелци беше предводена од Ана Марија Коларовска со 11 погодоци. Ѓорче Петров заедно со екипите на Металург, Вардар и Стружанка од Групата Б обезбедија место во плеј-оф разигрувањето за титулата.