Екипата на ЖРК Ѓорче Петров во иднина ќе биде Акционерско друштво, со што ќе биде единствениот женски клуб кој ќе се трансформира на тоа ниво. Одлуката е донесена на последното Собрание на клубот каде е изгласано во иднина скопјанки да бидат АД.
Сопствениците ќе треба да издадат акции во вкупна вредност од 25.000 евра, распоредени по номинална вредност на секоја акција. Сега според законските норми само ракометни клубови треба задолжително да бидат трансформирани во АД кога ќе се натпреваруваат во највиоскиот ранг – Супер лигата.
Но сега тоа го користат само машките клубови, а женските не се регистрираат како АД. И кај женските клубови тоа е задолжително, но само машките се регистрирани така. Досега единствено ЖРК Вардар беше АД, но во времето кога сопственик беше Сергеј Самсоненко, бидејќи двата клуба, и машкиот и женскиот беа под една капа – како дел од РК Вардар АД.
Ѓорчепетровки во мај годинава го добија и спортскиот континуитет на поранешниот европски првак Кометал Ѓорче Петров. Истиот месец ја освоија и титулата во домашното првенство. Сега се подготвуваат за настап и во европските купови и во 3. коло ќе играат против Румс Јагс ФВ од Австрија. Двете средби треба да се играат во Скопје на 10 и 11 декември.