Ѓорче Петров го победи Вардар и остана во игра за шампионската титула!

Екипата на Ѓорче Петров во дерби дуелот против Вардар во рамки од 11. коло од плеј-оф фазата дојде до важна победа од 22:20. Ѓорче Петров со остварената победа останува во игра за шампионската титула.

Домашната екипа за речиси три минути ги искористи сите грешки на „црвено-црните“, поведе со 3:0 со погодоците на Стојановска, Николовска и Николиќ. Следуваше период, во кој домаќинките пет минути не можеа да постигнат гол, додека избраничките на Драгана Ристова го забрзаа темпото на игра и дојдоа до израмнување на резултатот, 4:4. Ѓорчепетровки влегоа во серија на технички грешки и му овозможија на Вардар да го запише првото водство од 4:5 во 12 минута, а минута подоцна, вардарки имаа и плус два, 4:6.

Ракометарките на Ѓорче Петров никако не можеа да излезат во кризата, во која влегоа од воведниот дел, беа во резултатска негатива од 6:9, но во завршниот дел од првото полувреме со три гола во низа конечно го израмнија резултатот на 9:9. Тоа беше голем подвиг за избраничките на Симе Симовски кои го вратија водството во свои раце и речиси до последната минута беа во предност. По нерешениот резултат од 13:13, на неколку секунди пред крајот, Миновска со својот втор гол му донесе на Вардар водство од 13:14 на полувреме.

Вардар со голот на Коцева на стартот на второто полувреме се одлепи на 13:15. Домашниот состав не се предаваше, направи повторно пресврт со серија од 4:0 за 17:15. Ѓорче Петров во последните петнаесетина минути влезе со минимално водство од 18:17. Тука веќе беше јасно дека ќе има тесна завршница и дека само нијанси ќе одлучуваат кој ќе ја добие големата битка. Гостинките беа деконцентрирани во моментите кога требаше да го дадат максимумот, па така Ѓорче Петров немаше проблем да дојде до посакуваната победа.

Најефикасна во победничката екипа беше Милица Николиќ со шест гола. Во таборот на Вардар се истакнаа Катерина Дамјановска со пет и Сара Миновска со четири реализации.

Во последните три кола од плеј-офот, двете екипи ги очекува дерби дуел против актуелниот бранител на титулата, Куманово и незгодниот состав на Металург. Ѓорче Петров освен со двете споменати екипи треба да игра и со Деспина, додека Вардар во последното коло ќе се сретне со екипата на Чаир. Токму натпреварот меѓу Ѓорче Петров и Куманово кој ќе се одигра на 21 или 22 мај ќе пресуди околу исходот за шампионската титула.

Табела